Дваесет и две години по трагедијата, Македонија се сеќава на претседателот Трајковски
Дваесет и две години по трагедијата, со длабока тага повторно им оддадовме почит на претседателот Борис Трајковски и на членовите на македонската делегација, чии животи згаснаа во авионската несреќа во Босна и Херцеговина, истакна претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.
„Претседателот Трајковски ќе остане запаметен како државник, лидер и добар човек, чии живот и политика се темелеа на принципи и вредности. Беше заколнат миротворец, борец за човекови права, длабоко веруваше во македонската европска иднина и демократијата. Неговата визија останува наша обврска!“ – напиша Сиљановска Давкова.
Претседателката, во знак на сеќавање и благодарност, се поклони пред вечните почивалишта на загинатите членови на делегацијата: Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски на гробиштата „Бутел“ во Скопје.
Делегации исто така им оддадоа почит и на Анита Кришан Лозановска на гробиштата во Велес, на Борис Велинов на гробиштата во населба Илинден, и на Аце Божиновски на гробиштата во Бардовци.
„Вечна им слава.“ – заклучи претседателката, потсетувајќи на жртвата и посветеноста на загинатите членови на македонската делегација.
