Загриженост поради намалувањето на бројот на Македонци и говорители на македонски

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими Зорица Митровиќ, претседателка на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија, и Марјан Јованоски, секретар на Советот. Тие ја информираа претседателката за активностите на Советот од 2004 година, кои резултирале со впишување на македонската заедница во Статутот на Автономната Покраина Војводина и воведување на македонскиот јазик во службена употреба во неколку населени места.

Се соочуваме со загрижувачки пад на бројот на македонско малцинство, од речиси 26 илјади во 2002 година на помалку од 15 илјади во 2022 година, како и намалување на бројот на говорители на македонскиот јазик од повеќе од 14 илјади на само 8.375“, истакнаа Митровиќ и Јованоски. Тие посочија дека слични демографски предизвици имаат и другите малцинства, поради засилена емиграција, намален наталитет и стареење на населението.

Поддршка за образованието и културната активност на Македонците

Советот ја информираше претседателката за новата Стратегија 2026-2030, со посебен акцент на образованието на македонски јазик, а таа го поздрави и донесувањето на владината Стратегија за дијаспората.

Преку учењето и користењето на мајчиниот македонски јазик не се пренесува само знаењето, туку се гради национална припадност и самосвест“, рече Сиљановска-Давкова, додавајќи дека поддржува и иницијативата на покраинската влада на Војводина за издвојување средства за работата на Советот.

Македонците во Србија придонесуваат за добри односи меѓу државите

Претседателката изрази поддршка за Свечената академија по повод 80-годишнината од организираното доселување на Македонците во Србија и откривањето на скулптурата „Мајка Македонија“ од вајарот Синиша Новески во Нови Сад, нагласувајќи дека македонската заедница придонесува за добрите односи меѓу двете земји.