Претседателката упати честитки и порака за мир и солидарност

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, им упати срдечни честитки на сите верници од исламска вероисповед по повод празникот Рамазан бајрам. Таа го истакна значењето на празникот како израз на духовност, милосрдие и хармонија во заедницата.

„Дозволете ми, на сите верници од исламска вероисповед, да им упатам најсрдечни честитки по повод големиот муслимански празник – Рамазан бајрам. Овој празник е повеќе од традиционална прослава и од придржување до норми и правила. Тој е израз на длабока вера, духовност, милосрдие, хармонија и љубов“, рече Сиљановска-Давкова.

Рамазан бајрам – порака за сплотеност и заедништво

Претседателката нагласи дека енергијата на светиот месец се чувствува не само во верските објекти и домовите на исламските верници, туку и во целата заедница. Таа додаде дека, особено во време на глобални конфликти и кризи, почитувањето и меѓусебното уважување се клуч за градење здраво и просперитетно општество.

„Во време кога човештвото се соочува со сериозни конфликти, војни, кризи, климатски промени и кога насушно ни се потребни мир и стабилност, само со сплотеност, почитување и меѓусебно уважување можеме да градиме здраво општество и просперитетна татковина“, порача Сиљановска-Давкова.

Таа ги повика граѓаните да ја негуваат позитивната атмосфера од празникот низ целата година и да останат исполнети со благост, солидарност и емпатија. „Со цврста волја, силна верба и заедништво, ќе ги надминеме сите предизвици и тешкотии“, додаде претседателката.

„Бајрам Шериф Мубарек Олсун. Благословен и честит нека е празникот Рамазан бајрам“, заклучи Сиљановска-Давкова.