На средбата се разговараше за проблемите со кои се соочува Сеизмолошката опсерваторија и за институционална поддршка на сеизмологијата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се сретна со раководителката на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, Катерина Дрогрешка.

Од Кабинетот на Претседателката соопштија дека на состанокот било разговарано за работата, тековните активности и тешкотиите со кои се соочува Сеизмолошката опсерваторија.

Според изнесеното од страна на Дрогрешка, оваа институција, основана во 1957 година, се наоѓа во драматична состојба поради недостаток на инструменти и стручни кадри.

Таа информирала дека постои реална опасност од затворање на неколку сеизмолошки станици кои биле добиени и користени во рамки на апликативен проект.

Со оглед на значењето што Сеизмолошката опсерваторија го има на национално ниво, соговорничките разгледале можни решенија за надминување на проблемите.

Сиљановска-Давкова ја нагласила важноста на едукативните програми и работилници кои ги организира Опсерваторијата за македонскиот образовен систем.

Како што наведуваат од Кабинетот, двете соговорнички се согласиле за потребата од континуирано подигнување на свеста за ризикот од земјотреси.

Дополнително, истакнале дека е неопходна институционална поддршка за научно-истражувачката и апликативната дејност во областа на сеизмологијата.

Во текот на средбата, Катерина Дрогрешка ја поканила претседателката Сиљановска-Давкова да ја посети Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ.

Целта на оваа покана, како што било наведено, е Претседателката директно да се запознае со состојбите на терен.