Струга е град што помирува и почитува етнички, верски и секакви разлики, град кој може да биде пример за соживот. Ова го порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по средбата со струшкиот градоначалник, Менди Ќура.
Сиљановска-Давкова истакна дека симболично ја избрала Струга за посета на денот кога се одбележуваат 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, нагласувајќи дека градот претставува пример за почитување на различностите и соживот.
Таа посочи дека посебно ја интересирало како независниот градоначалник, кој добил поддршка од граѓани со различна политичка и етничка припадност, успева да придонесе за намалување на поделбите и за обединување на заедницата околу заедничките интереси.
Според претседателката, разговорите биле насочени кон реалните проблеми на граѓаните и кон обврските што државата и локалните власти ги имаат во однос на зачувувањето на статусот на Охридскиот Регион во рамки на УНЕСКО. Како што изјави претседателката по средбата, неопходно е институциите на локално и централно ниво да дејствуваат координирано за да ја искористат доверената можност и да ги спроведат обврските што произлегуваат од одлуките на УНЕСКО.
– За мене една од важните причини е како да се соочиме со можноста во овие пет години да ја искористиме довербата и шансата што ни е доверена од УНЕСКО. Градоначалникот на Струга има многу важна улога, како и градоначалникот на Охрид, Министерството за култура и другите министерства, односно државата – рече Сиљановска-Давкова.
Таа кажа дека ја интересирале приоритетите и првите чекори што локалната власт ги гледа во процесот на заштита на регионот, нагласувајќи дека како претседателка, но и како граѓанин, е особено загрижена за состојбата со Охридското Езеро и поширокото подрачје.
За градоначалникот Ќура, Рамковниот договор останува темел на соживотот во Македонија и дека токму затоа ова прашање било во фокусот на средбата.
-Веруваме дека повторно отвораме нова страница и нова ера во Струга, каде што се живее добро, се живее заедно и заедно се слават успесите во спортот, културата и другите манифестации што овозможуваат подобар живот за сите граѓани – порача Ќура.
Тој ја посочи потребата од посериозен пристап кон исполнувањето на препораките за заштита на Охридскиот Регион и нагласи дека треба посериозно да се пристапи кон решавање на обврските што треба да се решат во однос на УНЕСКО.
