Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска на отворањето на 12. Глобален форум во Баку порача дека траен мир во чии рамки науката и технологијата можат да ја подигнат благосостојбата на човештвото до невидени височини, е врвен заеднички интерес за чие остварување се потребни свежи перспективи. Во својот говор, таа истакна дека форумот, кој се одржува во главниот град на Азербејџан, прераснал во клучна платформа за решавање на глобалните предизвици.
Траен мир за новата ера
Сиљановска Давкова нагласи дека 2025 година може да биде пресвртна:
„Секој ден носи нови прашања, а одговорите се сè помалку. Светот се менува брзо – мултилатерализмот попушта пред мултиполаризација, геополитичкото ривалство го слабее системот за колективна безбедност, а Обединетите нации се потиснати токму кога ни се најпотребни. Консензусот од Втората светска војна е под знак прашалник.“
Таа постави клучни дилеми:
„Како да живееме во нова ера каде меѓународниот поредок заснован на правила е под закана? Дали ќе имаме правила, и ако да, какви? Ќе се темелат ли на принципот ‘договорите мора да се почитуваат’ или на силата? Дали покрај судир на интереси имаме и судир на вредности? Можеме ли да ги решиме кризите без заеднички правила? Каков свет им оставаме на идните генерации?“
Повик за нови перспективи
Цитирајќи го Кордел Хал, поранешен американски државен секретар и добитник на Нобелова награда за мир, Сиљановска Давкова потсети на неговите зборови:
„Најголемото прашање е дали луѓето и нациите доволно страдале и научиле за да ги надминат сомнежите, предрасудите и тесните интереси и да се обединат во остварување на нивниот најголем заеднички интерес.“
Таа додаде:
„Тој заеднички интерес е траен мир, во чии рамки новите сили на науката и технологијата можат да го подигнат благосостојбата на човештвото до невидени нивоа. Верувам дека Глобалниот форум во Баку може да ни даде нови идеи за да работиме на тој врвен идеал и да го зачуваме.“
Клучна платформа за глобални прашања на форумот во Баку
Форумот, организиран од Меѓународниот центар „Низами Ганџави“, го отвори азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, кој рече:
„Уверен сум дека учесниците на форумот ќе понудат нови предлози, особено по драматичните геополитички промени што ги доживеавме.“
Алиев се осврна на енергетската иднина:
„Нашата агенда е фокусирана на обновливи извори на енергија. Ќе го удвоиме нашиот капацитет, што ќе ни овозможи да извезуваме не само нафта и гас, туку и зелена енергија – цели што се реални и поткрепени со договори.“
Дебата за иднината
Сиљановска Давкова попладне ќе се обрати на панелот посветен на Пактот на иднината на ОН, додека форумот ќе опфати и теми како „Геополитички промени: Одговорни партнерства наспроти ривалство“ и „Реосмислување на мултилатеризмот за мултиполарен свет“. Меѓу 400-те учесници е и поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов.