Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на НАТО самитот во Хаг, оствари средби со претседателот на Чешка, Петр Павел, премиерот на Република Естонија, Кристен Михал и со премиерот на Кралството Белгија, Барт де Вевер.
На средбите соговорниците изразија задоволство од одличната билатерална соработка и партнерство во различни области и поддршка за евроинтегративниот пат на државава.
Средба со претседателот на Чешка, Петр Павел
Заблагодарувајќи му се на претседателот Петр Павел, за принципиелната и доследна поддршка на Чешка, Сиљановска-Давкова укажа на тековните предизвици и политички мотивираните обиди за блокирање на европскиот пат на државава. Таа ја потенцираше неопходноста од заштита на националниот идентитет. Истакна дека прашањата поврзани со идентитетот и историјата не можат да бидат дел од преговарачката рамка на ЕУ. Претседателот Павел рече дека земјава може да смета на континуирана чешка поддршка во текот на евроинтегративниот процес.
Средба со премиерот на Естонија
Повторувајќи го јасниот став против билатерализацијата, Сиљановска-Давкова во Хаг рече дека длабоко ја цени принципиелната поддршка на Естонија за политиката на проширување на ЕУ. Нагласи дека овој процес има стратешка и геополитичка важност. Естонскиот премиер Михал посочи дека државава добро ги исполнува Копенхагенските критериуми. Тој изрази подготвеност за помош во процесот на македонската евроинтеграција.
Мицкоски: На Самитот на НАТО во Хаг ќе присуствува Сиљановска, отворени сме за средба со Бугарија
Средба и со премиерот на Белгија
Прашањето за деблокирање на евроинтегративниот пат беше во фокусот и на средбата со премиерот на Кралството Белгија, Барт де Вевер, кој истакна дека членките на ЕУ треба да имаат појасен и поискрен став во однос на проширувањето. Тој нагласи дека интеграциите мора да се одвиваат според напредокот и спроведените реформи на државата аспирант за членство.
Извор: Претседател