Сиљановска за Илинден оддаде почит пред гробот на Никола Карев, хероите во Слива и на церемонијата во Крушево

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, положи свежо цвеќе во Крушево, Скопје и Пелинце, оддавајќи почит кон историските дејци и борбата за македонската државност.

Во Крушево, Сиљановска-Давкова положи цвеќе на гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, и на споменикот на хероите на месноста „Слива“. Присуствуваше и на панихидата што се одржа во храмот „Св. Никола“.

Во исто време, делегации од Кабинетот на претседателката положија свежо цвеќе и на неколку локации низ државата. Беа посетени Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, споменикот на Никола Карев во Скопје, како и спомениците на АСНОМ и на првиот претседател на Президиумот, Методија Андонов – Ченто.

Делегација од Кабинетот присуствуваше и на централното чествување на Илинден во Смилево, каде што беа оддадени почести за 122-годишнината од Илинденското востание и Смилевскиот конгрес.

Вчеравечер, Сиљановска-Давкова учествуваше и на церемонијата на отворање на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, што се одржа на месноста Гумење. На настанот беше прочитан Крушевскиот манифест и беше изведена реконструкција на нападот врз градот, заедно со симболичното пукање од црешовото топче.