Стигнавме до Софија, наместо до Копенхаген, со повеќе уставни амандмани од години на „независност“, до државичка со енормно моќни биснис политичари и слаби институции.
Стигнавме до Софија, наместо до Копенхаген, со повеќе уставни амандмани од години на „независност“, до државичка со енормно моќни биснис политичари и слаби институции, партиска држава, заразена со клиентелизам и корупција, олигархиска држава, киднапирана од неука, примитивна, провинцијална „елита“, со луксузен животен стил, без дигнитет и интегритет, поданичка кон „меѓународната заедница“, арогантна кон граѓаните.
Стигнавме до нарушено начело на поделба на власта до степен на непрепознавање, до неодговорна влада, влада која не креира политики, туку дистрибуира функции и работни места на подржувачи, го политизира и контролира судството, го крши костурот на државата – администрацијата!
Стигнавме до политичари – богови, што е погубен модел за младите луѓе, со убиени надежи, визии и соништа дека ќе биде вреднувано доброто образование, диплома и знаење!
Стигнавме до идиократија. Споредете ги првите луѓе на државата со оние од 90—тите и ќе видите дали чекориме напред, или назад!
Ние сме трагична приказна со најсреќна власт!
На 8-ми септември 1991 година, се качивме на транзицискиот брод „Република Македонија“ и запловивме кон Брисел низ разбурканиот трет бран на демократијата, што ја заплисна Централна и Источна Европа. Некои држави, по подолго или покусо патување, се закотвија во Брисел, други, уште патуваат, качени на чамци за спасување, или оставени на милост и немилост на бурите! ние, осамени и без Одисеј, се соочивме со невидени сцили и харибди, обидувајќи се да избегаме од Кирка и Полифем и да останеме оние што сме биле низ вековите.
Ама, неуката и поданичка (не)македонска посада, со лажен капетан и неспособни офицери, потклекна без отпор и направи невозможни отстапки пред „добрососедските“ и бриселски притисоци. Ненародно ја прекрсти Македонија во „Северна“, заборавајќи дека Nomen Est Omen и отвори простор за релативизирање до бришење на историската врска меѓу името, нацијата и идентитетот.
Но, 8-ми септември не се заборава. Го помните ли филмот „Побуната на бродот Баунти“? Јас, да, но ние сме качени на „Титаник“!, објави на ФБ професорката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ.