Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека гледа деблокада на македонскиот евроинтеграциски процес и дека постои исчекор. Според неа, земјата покажала невидена кооперативност во овој процес, но останува потребата од добра волја и добрососедство.
-
„Процесот на пристапување во ЕУ не зависи само од нас. Македонија беше и останува конструктивен партнер, но се потребни конкретни чекори и од другите страни“, изјави Сиљановска-Давкова.
Активноста на групата за пријатели на Западен Балкан
Според Сиљановска-Давкова, новитет во евроинтеграциите е зголемената активност на групата за пријатели на Западен Балкан, која има креативни предлози што би можеле да го забрзаат процесот.
-
„Групата за пријатели на Западен Балкан е активна и има конструктивни идеи, кои би можеле да го отворат патот за кластерите 2, 3 и 4“, нагласи претседателката.
Сиљановска-Давкова: Добрососедските односи не подразбираат вето
Во однос на ставот на Бугарија за промена на Уставот, Сиљановска-Давкова изјави дека во добрососедските односи не треба да има вето и закани. Таа истакна дека разговорите со бугарскиот претседател биле пријателски и дека решенијата треба да се бараат преку дијалог.
-
„Во добрососедските односи не постојат механизми како вето и закани. Треба да продолжиме со отворен дијалог и да ги надминеме разликите на начин кој ќе биде корисен за сите страни“, порача Сиљановска-Давкова.
Сиљановска-Давкова за ЕУ: Усогласена надворешна и безбедносна политика
Претседателката потсети дека Македонија, иако не е членка на ЕУ, има целосно усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика.
-
„Знаете дека веќе склучивме Договор за заедничката меѓународна и безбедносна политика. Македонија е доследен партнер на ЕУ во многу важни прашања и остануваме посветени на нашите интеграциски процеси“, заклучи Сиљановска-Давкова.
Настан во чест на жените во науката
Претседателката своите ставови ги изнесе на настанот „Глобален женски појадок 2025“, организиран од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија по повод Меѓународниот ден на девојките и жените во науката.