Претседателската кандидатка од ВМРО-ДПМНЕ се заблагодари на големата поддршка и упати победнички говор.
Јас ќе соработувам со партијата која ме поддржа, но ќе соработувам и со опозицијата и со невладиниот сектор. Ќе покажам и ќе докажам дека сум таму заради Македонија, дека сакам да бидат на мене горди, бидејќи јас ќе го докажувам тоа, дека Македонија мора да биде слична на останатите демократски држави, да биде стандардна, да биде едно посакувано пристојно место за политички натпревар и за било каков натпревар.
Ова вечерва на првата прес-конференција по завршувањето на гласањето за првиот круг од претседателските избори го изјави кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, која има двојно водство пред кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски.
– Горда сум на граѓаните. Не само на оние кои гласаа за мене, туку и на останатите. Особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката. Горда сум на мојот тим, постојано беше со мене, ме бодреше, ме критикуваше, ме советуваше. Горда сум на учесниците во изборната трка. Сите знаеме дека изборниот процес е најстраствениот процес, но сепак, во дебатата, во изјавите, мислам дека не го пречекоривме лимитот на пристојноста. Горда сум посебно на коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ. Се создаде една невидена синергија. Посебно сум горда на жените во Македонија, без оглед на било каква припадност. Мислам дека е време за идентификација на жена со жена, без оглед на која партија и идеологија припаѓа. Многу се радувам што деновиве среќавам жени од други партии кои ми велат дека доаѓа нашето време. Нема да градиме матријархат, но ќе покажеме дека имаме во себе знаење, ум, енергија, креација и дека е редно ова општество да го искористи сето тоа – рече Силјановска Давкова.