Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на 11 и 12 јуни 2024 година, во Берлин, Сојузна Република Германија ќе учествува на Конференцијата за обнова на Украина.
На конференцијата, чии домаќини се германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски, е предвидено учество на шефови на држави и влади, претставници на меѓународни организации, на бизнис и граѓанскиот сектор.
Како што соопштуваат од претседателскиот кабинет, предвидено е претседателката Сиљановска Давкова да има свое обраќање на настанот.
Конференцијата е продолжение на серијата годишни настани на високо ниво посветени на брзо закрепнување и долготрајна реконструкција на Украина, по почетокот на руската воена агресија. Клучна цел на настанот е да се обезбеди континуирана меѓународна поддршка за обнова, реконструкција, реформи и модернизација на Украина.