На првиот ден од посетата на САД, македонската претседателка ќе има срдба со македонската дијаспора во Њу Џерси. Во Македонската православна црква „Свети Никола“ во Тотова ќе присуствува на литургија по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица). Попладнето во Фрихолд ќе ја посети џамијата во рамки на граѓанската заедница „Дебар“, која во себе обединува нашинци по потекло од дебарскиот крај.
За време на посетата, Сиљановска Давкова ќе оствари билатерални средби со повеќе државници. Во четврток е предвидено обраќање на македонската претседателка на генералната дебата на 79-тата сесија на Генералното собрание на ОН, што се одржува на тема „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации“. Предвидено е претседателката Сиљановска Давкова да оствари средба и со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Во состав на македонската државна делегација се министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.