Сиљановска Давкова бара јавни расправи во Уставниот суд
Сиљановска Давкова изјави дека е потребно во Уставниот суд да има повеќе јавни расправи, потенцирајќи дека во еден период тие биле речиси сосема суспендирани. Според неа, јавните расправи се важен дел од процесот и нивното присуство би овозможило соочување на различните аргументи.
- „Како правник, ова за мене е очекуван исход. Многупати сум нагласувала дека во Уставниот суд мора да се одржуваат повеќе јавни расправи. Имаше период кога овие расправи беа речиси целосно прекинати. Тоа е оној момент кога се покануваат иницијаторите и претставниците на институциите, но и претставници на оние кои се противат на иницијативата. Потребна е таква расправа за да се претстават аргументите на двете страни – за и против, пред Уставниот суд да донесе конечна одлука“, изјави Сиљановска Давкова.
Таа истакна дека судот треба да донесува одлуки врз основа на расправата и на судијата известител, а не под влијание на надворешни мислења.
- „Да му дозволиме на судот да одлучува врз основа на расправата и извештајот на судијата известител, наместо ние да му наметнуваме како треба да постапува“, додаде Сиљановска Давкова.
Сиљановска Давкова ги критикува судиите Кадриу и Ајдари за отсуството
Сиљановска Давкова се осврна на отсуството на Осман Кадриу и Насер Ајдари на седницата на Уставниот суд, при што изрази несогласување со нивните потези. Таа наведе дека е невообичаено судии да ја бојкотираат работата на судот.
- „Не можам да ги разберам потезите на овие двајца судии. Никогаш не сум слушнала некој да одбие да учествува во работата на суд или на Уставниот суд. Нивната задача е да носат одлуки. Можат да гласаат за, можат да гласаат против, но најшокантно ми звучеше вчерашната изјава дека не може да се прифаќаат одлуки од суд составен од само една националност“, изјави Сиљановска Давкова.