Македонските институции се подготвени за европските реформи, но од нашите стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите, порача од Пелинце, претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.

Се согласува дека местото на земјава е во Европската унија, но со заштитен македонски идентитет, јазик, култура и историско паметење.

Зборувајќи за придобивките од првото заседание на АСНОМ, шефицата на државата рече дека секоја генерација има право и должност да го обнови духот на републиката и да го усогласи со новите околности и можности. 80 години подоцна, рече Сиљановска – Давкова ако ги прашате младите кое човеково право им е најважно, ќе кажат – правото на напредок.

Претседателката повика на единството, да се остават настрана поделбите, караниците и партиските и лични интереси и побара обединување околу општото добро и јавниот интерес.