Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста, дури се срамам зарем е можно толку луѓе вака да реагираат. Не мислам дека сум посебна од многу работи, само знам дека она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин. Во тоа ве уверувам, од првиот ден, изјави кандидатката за претседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.
На прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска Давкова рече дека овој резултат е инспиративен за неа.
– Горда сум на мнозина, најпрво, горда сум на граѓаните, не само на оние кои гласаа за мене, туку и на останатите, особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката. Без нив немаше да го запознам народот, ниту тие мене, рече таа.
Дополни дека треба, како што рече, да ги инспирираме граѓаните дека вреди да се учествува на избори.
– Ова е крајот на првиот круг, доаѓа вториот круг, јас ќе се однесувам и во вториот круг кон оној со кој ќе треба да се натпреварувам, со должна почит. Се разбира очекувам таков однос. Не мислам дека треба да фрлиме сенка кон она што се случуваше денеска, треба да ги инспирираме граѓаните, да ги увериме дека вреди да се учествува на избори, да се чуе дека сум горда, особено на граѓаните, а без граѓани нема горда Македонија, дополни таа.
Првичните резултати што Државната изборна комисија ги објавува на својата веб-страница покажуваат дека од обработени 80 проценти од гласовите, односно 2 806 од вкупно 3 508 избирачки места, води кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со освоени 282 075 гласови (39,82%), пред Стево Пендаровски од СДСМ со 137 450 гласови (19,42%).