Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември – Денот на независноста.
„Почитувани граѓани,
На 8 септември 1991 година, македонските граѓани, користејќи го правото на самоопределување, ја изразија својата волја и во огромен број го дадоа својот глас за суверена и самостојна македонска република. Освен на референдумското ливче, таа волја беше изразена и преку озарените лица на илјадниците граѓани спонтано собрани на плоштадот „Македонија“, каде што со голем ентузијазам и надеж за иднината ѝ се радуваа на независноста.
Со тој чин, тие, ние, македонските граѓани, на мудар, демократски и мирољубив начин, во согласност со Повелбата на Обединетите Нации, ја напуштивме федерацијата што се распаѓаше и зачекоривме во новата етапа на македонската државност. Заокружувајќи го делото на илинденците и на асномците, ја превзедовме одговорноста да градиме модерна, европска, правна држава која ќе обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.
33 години подоцна, ентузијазмот и надежта се, за жал, засенети од бројните предизвици со кои се соочивме како држава, од надворешни притисоци и непринципиелни блокади, преку внатрешни поделби, па сè до политички и безбедносни кризи. Низ годините имавме и успеси и грешки, и подеми и падови. Пропуштените можности, сеприсутната партизација и политизација и хроничната корупција ги отуѓуваат граѓаните и ги иселуваат младите.
Наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес. Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да ја направиме македонската република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите.
Само со европеизација на државата, со владеење на правото и со борба против корупцијата, со функционални институции и со компетитивна економија и систем на заслуги ќе им овозможиме на младите генерации, правото на потрага по среќа да го остварат дома, во заедничката татковина, во која ќе работат, ќе основаат семејства и ќе создаваат иднина. Само така, ќе ја обновиме надежта и ќе го вратиме ентузијазмот од почетокот на македонската независност.
Нека ни е честит 8 Септември – Денот на независноста!“