Професорката Гордана Силјановска Давкова на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ со огромно мнозинство од 444 гласа на делегатите, е избрана за кандидат за претседател.
Најпрво не очекував волку голем резултат, навистина многу ми значи довербата, од срце ви благодарам рече Гордана Силјановска Давкова кандидат за претседател на Република Македонија на денешната Конвенција по изборот за официјален кандидат за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ на претстојните претседателски избори.
Силјановска Давкова порача дека како универзитетски професор го користела сократовиот метод, односно ги учела студентите, но и учела од нив, и ништо повеќе не и значело како оваа доверба и можност да си го запознае народот.
Што е најважно за мене. Стефан ги спомна студентите. Морам да признам дека секогаш ми биле неверојатна инспирација. Сум почитувала сократов метод, сум ги учела, но и јас со нив сум учела. Знам дека кога ќе бидете избрани за најинспиративен професор тоа многу значи, но одговорно тврдам дека ниту еден труд, ниту членство во меѓународни организации не ми значело толку колку можноста што ми дадовте вие и тогаш и сега да си го запознам народот, рече таа.
Силјановска Давкова нагласи дека секој може да си го смени стилот на живеење, може да промени многу нешто, но никогаш не може да си ја промени татковината.
Може да смените се, може стил на живот да смените, може да смените многу нешта, ама татковина никогаш, нагласи Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова во текот на своето обраќање истакна дека многу работа стои пред сите.
-Не случајно сме родендени во Македонија, енергијата ни извира одовде и затоа треба да воспоставиме што е можно поцврсти врски со оние кои си заминале, не затоа што сакале , туку затоа што некој не ги сакал овдека како најдобри. Да бидеме во контакт со нив, да се вмрежат во нашите прашања и одлуки, да бидат овде присутни, така ми се чини дека ќе обезбедиме почит секаде во светот. Многу работа стои пред нас и јас затоа сите оние кои ќе бидат носители на некоја функција бидејќи во 21 век сме ги молам да стават крај на овие страшни поделби по било која основа, најмногу по партиска и по политичка, да не се однесуваат кон опозицијата како тие што се однесуваа кон неа, зошто без опозиција нема демократија, да градат консензус за најважните државни и национални прашања и интереси, да излегуваат кон надвор усогласени зошто само лидери и државници тоа го прават, рече таа.
Силјановска Давкова укажа дека се виде до сега до што доведоа поделбите. Поделбите ја доведоа оваа држава да личи на гладијаторска арена.
„Не се станува Европјанин, не се вежба европеизација преку реторика ЕУ, ЕУ, ЕУ… Не! Туку преку вежбање демократија. Мора Копенхашките да се однесуваме. Мора владеењето на правото да ни биде прво. Мора слободите и правата на човекот да ни бидат во фокусот. Мора пазарна економија да градиме. Мора да ги почитуваме индивидуалните права, ама исто така и малцинските права“, истакна Силјановска Давкова.
„Јас ве уверувам дека нема да ве засрамам. Јас ве уверувам дека ќе ги мерам зборовите. Ве уверувам дека ќе градам сојузи и сојузништва, дека ќе интегрирам, а нема да дезинтегрирам“, порача таа.
Силјановска Давкова потенцираше дека не е национализам да се повикувате на европските вредности.
– Не. Без темелни вредности ЕУ не може да биде заедница на граѓани, и таму се уште го нема европскиот „демос“, меѓутоа се создава. Истата таа лекција треба и овде да ја градиме Значи да градиме современа модерна, по европски стандарди, структуирана држава во која граѓаните ќе бидат суверенот, во која ќе ги почитуваме и правата на заедниците, се разбира, да ги почитуваме различностите но да не забораваме дека ЕУ е единство на различности. И ние има што да внесеме во ЕУ, отсекогаш сме биле во географска и културна смисла дел од ЕУ, изјави таа.
Таа додаде дека не смее Балканот да остане периферија на периферијата и за тоа се потребни вистински лидери кои се себе реализирани.
Балканот не смее да остане периферија на периферијата. За тоа треба сите ние да се обединиме, во сите полиња и така ќе бидеме посилни, така и ќе си го заслужиме местото. Мислам дека патот е трасиран, а вистинските лидери, а не водачот од Радије Домановиќ, не, вистински лидери можат да бидат само луѓе кои се себе реализирани, но вистински лидери можат да бидат и луѓе кои не негуваат само презир. Честопати читам ликови како пишуваат и некогаш дека се најголемите Југословени од најголемиот Југословен, а сега поголеми европјани и од оние од ЕУ, ама тоа не смее да значи самопрезир, само непочитување. Еден мој колега филозоф, социолог како го нарече тоа? Оикофобија себе презир. Дека сме мали, не сме мали. Можеме да бидеме, малото е убаво, малото е големо. Ние токму со традицијата на културна различност многу можеме да внесеме во Европската Унија.