Европската унија го наградува партнерството со Македонија
Македонската Армија добива значајно засилување. Помош во опрема во вредност од 40 милиони евра од страна на Европската унија. Како потврда за нејзината професионалност, посветеност и активен придонес во зачувувањето на регионалната и европската безбедност. Ова го соопшти министерот за одбрана Владо Мисајловски. Тој заедно со високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, го посети седиштето на Балканските медицински наменски сили (Balkan Medical Task Force).
Современа опрема и обука за македонската Армија
Според Мисајловски, со оваа помош се набавува широк спектар на модерна опрема. Инженерска, медицинска, логистичка и комуникациска технологија, системи за командување и електронско војување, но и заштитна опрема и опрема за извидување и набљудување. Помошта вклучува и обука на персоналот, каде што е потребно, и се реализира според утврдена динамика.
Дополнително, ЕУ обезбедила и шест милиони евра за зајакнување на регионалните медицински сили. Од кои два милиони се наменети за Македонија, во рамки на развојот на капацитетите на Balkan Medical Task Force.
Калас: Македонија е доверлив и вреден партнер
Каја Калас ја оцени Македонија како „доверлив партнер“ кој е целосно усогласен со заедничката безбедносна и надворешна политика на ЕУ. Таа потврди дека ЕУ досега има издвоено вкупно 38 милиони евра за македонската армија, вклучувајќи и последна транша од 15 милиони евра одобрена во април.
– „Оваа иницијатива е од витално значење бидејќи директно спасува животи. Тоа е вистински пример за регионална соработка и доверба, што носи реални резултати за граѓаните,“ нагласи Калас.
ЕУ ја препознава улогата на Македонија во регионалната стабилност
Потпишувањето на партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ е доказ дека Унијата ја вреднува усогласеноста и активната улога на Македонија, посебно преку учество во мировни мисии, како што е ЕУФОР Алтеа во Босна и Херцеговина. Министерот Мисајловски подвлече дека соработката во одбраната е приоритет за земја која се гледа како дел од европското семејство и НАТО.