Американскиот претседател Доналд Трамп денеска истакна дека САД се подготвени да ги поддржат Полска и балтичките држави во случај Русија да ја зголеми својата воена активност во регионот. Тоа следува по инцидентот со три руски борбени авиони МиГ-31 кои навлегле во естонскиот воздушен простор.
„Не ни се допаѓа ова“ – рече Трамп на прес-конференција, додавајќи дека, ако е потребно, ќе помогне во одбраната на сојузниците.
Инцидентот предизвика повик за состанок на НАТО, а Естонија побара консултации според Член 4 од договорот на алијансата. Според естонската војска, руските авиони биле во естонскиот воздушен простор 12 минути без овластување, додека Русија ги отфрла овие тврдења.
Недела претходно, во соработка со НАТО, Полска собори 19 руски дронови што навлегле во нејзиниот воздушен простор, што Трамп тогаш го оцени како „можеби грешка“. Авионите за пресретнување беа испратени од Италија, Шведска и Финска во рамки на балтичката воздушна полиција на НАТО.
Министерството за надворешни работи на Естонија најави дека утре ќе се одржи вонреден состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк поради инцидентот.