Разговор за унапредување на билатералната соработка во одбраната и евроинтегративните процеси

Денеска, министерот за одбрана Владо Мисајловски оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шведска, Ола Сулстром, и заменик-амбасадорката, Елизабет Далберг Фриск.

„На амбасадорот Сулстром му посакав добредојде и успех во градењето на пријателството и соработката меѓу нашите две земји“, изјави Мисајловски.

Разговорот беше фокусиран на унапредување на билатералната соработка во областа на одбраната, обука и размена на искуства, како и зајакнување на капацитетите на Армијата на Македонија. Министерот истакна и благодарност за континуираната поддршка на Шведска во евроинтегративните процеси на земјата.

„Заедно работиме за професионална и подготвена Армија која придонесува за стабилноста и безбедноста на Македонија и на регионот“, додаде Мисајловски, нагласувајќи ја важноста од партнерството со Шведска за развојот на одбранбените капацитети.