Во интервјуто кое целосно ќе биде објавено подоцна, Симоновски вели дека за овој период од годината карактеристични се шумските пожари и дека со временските промени и глобалното затоплување, во иднина може да се очекуваат се повеќе вакви пожари.
Најавува вработување на 20 пожарникари, но поради претстојните локални избори, огласот е ставен во мирување. За следната година планирана е и сериозна набавка на опрема и возила за потребите на ТТПЕ Скопје.
– Во јануари 2020 година донесовме одлука за набавка за три противпожарни возила и една автомеханичка скала за потребите на градот Скопје, но во таа бирократија, Бирото за управна контрола при јавни набавки ни ја поништи одлуката за трите возила и покрај дописот од наша страна за просечната старост од 30 години на возилата со кои располагаме и бевме одбиени. Околу бројот на вработени ДА, имаме недостаток и тоа голем. Имаме тековен оглас за вработување на 20 пожарникари, но распишаните локални избори го ставија во мирување. И како за податок, од 2019 година имаме вработено 41 пожарникар но, процесот на заминување во пензија неможеме да го ставиме во „МИРУВАЊЕ”. Опремувањето е планирано за 2022 година кога планираме сериозна набавка на опрема и возила за Бригадата, нагласува Симоновски.
Во интервјуто, Симоновски зборува и за 5 август, денот кога ТТПЕ имаше рекордни 22 интервенции, а се осврнува и на опременоста на австриските пожарникари кои помогнаа во гаснењето на големите пожари што го зафатија малешевскиот крај.