Синдикалната елита на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) е обвинета за сериозни злоупотреби. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција обелодени дека раководните луѓе во синдикатот, вклучувајќи ги Слободан Трендафилов и Трпе Деановски, го претвориле ССМ во свој механизам за собирање енормни суми.
„Информациите што ни ги доставија свиркачи од внатрешноста на ССМ укажуваат дека Слободан Трендафилов и Трпе Деановски ја користат синдикалната институција како алатка за личен профит. Го претворија синдикатот во своја приватна испостава, во која годишно инкасираат суми кои се несразмерни со улогата што треба да ја имаат“, истакна Петрушевски.
„Трпе Деановски, покрај тоа што добива редовна месечна плата од 104.000 денари, дополнително остварува и други парични надоместоци. Вкупно, само за минатата година и првите два месеца од 2025 година, примил над 1,8 милиони денари. Тоа е над 30.000 евра – додека јавноста ја убедува дека се залага за минимална плата“, изјави пратеникот.
„Синдикалната елита служи на партиски интереси“
„Ако пресметаме, Трпе Деановски зема онолку колку што работник со минимална плата би заработил за шест години. Тоа се вкупно 69 минимални плати. Станува збор за класичен пример на синдикална елита која е поставена од СДС, а не за автентични застапници на работничките права“, потенцираше Петрушевски.
Според него, синдикалната елита е целосно инсталирана од политичката партија СДС и служи за извршување на нејзините агенди, наместо да се грижи за правата и интересите на работниците.
Извор: a1on