Синдикалната организација „Солидарност“ во Управата за јавни приходи информира дека утре ќе се одржи првата работна средба со работодавачот УЈП и новиот помирувач Илија Манасиев во врска со зголемување на платите.
– Согласно законската регулатива, процесот на помирување помеѓу синдикалната организација „Солидарност” и Управата за јавни приходи како работодавач, заедно со помирувачот отпочнува со првата работна средба, која ќе се одржи утре во просториите на Управата за јавни приходи-Генерална дирекција, се вели во соопштението на „Солидарност“.
Манасиев е назначен откако претходниот помирувач Лазар Јовевски се откажа поради тоа што бил во странство.
Вработените од Управата за јавни приходи од 15 јуни, секој ден од 10 до 12 часот, штрајкуваат без да ги извршуваат своите обврски од работното место. Тие бараат зголемување на платите за 30 отсто, а доколку не биде исполнето нивното барање најавуваат активирање на одлуката за генерален штрајк.