Со упорност, аргументи, вистина и единствена сплотеност, вработените во Македонската филхармонија успеаа да се изборат за промена на штетната одлука поради која протестираа во изминативе три месеци. Одлуката која ја донесе Министерството за култура на седница на Влада пред три месеци, за просторно сместување на втора институција во објектот на Филхармонија вчера беше променета, стои во писменото соопштение на Синдикатот на Македонската филхармонија.
Во изминативе неколку месеци, освен што се боревме да си го зачуваме нашиот простор се боревме и против канонади од лажни вести и дезинформации. Не подлегнавме на притисокот, кој беше силен и интензивен, ниту пак се откажавме од нашата борба да си го зачуваме нашиот работен простор.
Министерката за култура на вчерашната прес конференција повторно не нападна и побара да и се извиниме на јавноста која сме ја манипулирале во изминативе три месеци.
Јавните обраќања секогаш зборуваат двонасочно, на вашата прес конференција, почитувана министерке зборувавте за Нас, но вашата прес конференеција зборуваше и за Вас. Единствена вистина на вчерашниот прес, беше само вашата констатација дека нашите протести не беа синдикални. Се сложуваме, нашите протестите беа уметнички, а ги поддржаа и вработени кои не се членови на нашата синдикална организација, директорката на институцијата и Управниот одбор. За првпат во историјата на нашата институција на иста страна застанаа речиси сите вработени.
Ние нема да и се извиниме, туку срдечно ќе и се заблагодариме на јавноста која не поддржуваше во оваа наша битка, на нашата верна публика која доаѓаше на нашите концерти и покрај отворените повици за бојкот, на луѓето од фелата и врвните музичари кои ни дадоа безрезервна поддршка. Во моменти кога вработените во Филхармонија, но и нашата институција беа јавно нападнати од поединци на социјалните медиуми, кога бевме оставени сами да се бориме против штетната одлука која ја донесе Министерството за култура, искрената поддршка на луѓето од фелата беше нашиот столб, нашиот ветер во грб.
Затоа сакаме јавно да им се заблагодариме на нашите најдобри пијанисти Симон Трпчески и Дино Имери, на поранешните директори на Филхармонија – Мелпомени Корнети, Васил Атанасов, Ганка Самоиловска Цветанова, Кармен Костова и Маја Чанаќевиќ, на диригентите Емил Табаков, Јерухам Шаровски, Конрад ван Алфен, Миријан Хухунаишвили, Габриел Бебешелеа, Џорџ Џексон, Вања Николовски – Ѓумар и Борјан Цанев, на нашиот истакнат виолинист и професор Олег Кондратенко, на претседателката на СОКОМ Валентина Велковска -Трајановска, на нашиот поранешен концерт мајстор во пензија – Румен Димитриев, на музикологот Марко Коловски, на нашите колеги од Белградска филхармонија и од Сараевска филхармонија… Овие луѓе храбро и безрезервно застанаа на наша страна, во одбрана на вистината во моменти кога сите беа свртени против нас. Им благодариме од срце!
Почитувана министерке, на крајот од ова соопштение, останува отворена нашата покана конечно да дојдете на концерт во Македонската филхармонија, а одличен повод за тоа е концертот на Белградска филхармонија во сабота. Со задоволство ве очекуваме!, велат од СО Македонска филхармонија при СКРМ.