Во Сингапур третиот осуденик беше обесен за две недели поради трговија со дрога. Централното биро за наркотици објави дека Мохамед Салех Абдул Латиф, 39-годишен Сингапурец, бил погубен во затворот Чанги во Сингапур.
Тој беше осуден на смрт за снабдување со 54 грама хероин, „доволно за да ја задоволи зависноста на околу 640 корисници неделно“, се вели во соопштението пренесено од Асошиејтед прес.
Салех работел како доставувач пред да биде уапсен во 2016 година. Тој беше осуден во 2019 година, а неговата жалба беше отфрлена минатата година.
На судењето тој тврдеше дека верувал дека доставува шверцувани цигари за пријател на кој му должел пари и дека не ја проверил содржината на чантата бидејќи му верувал на својот пријател.
Судија на Високиот суд одлучи дека нивната врска не била доволно блиска за да ја оправда довербата што тој тврдеше дека ја има.
Иако судот утврдил дека тој е само курир, му била изречена задолжителна смртна казна бидејќи обвинителите не издале потврда дека соработувал со нив, се додава во соопштението.
Сингапурските закони наложуваат смртна казна за секој кој е осуден за трговија со повеќе од 500 грама канабис и 15 грама хероин.
Салех беше петтото погубено лице оваа година и 16-то погубено за прекршок поврзан со дрога, откако Сингапур продолжи со егзекуциите со бесење во март 2022 година, по двегодишна пауза поради пандемијата „Ковид-19“.
Минатата недела беа егзекутирани уште двајца граѓани, Саридеви Џамани (45), која во петокот беше првата жена обесена по 19 години, за трговија со околу 31 грам хероин и Мохамед Азиз Хусаин (56) за трговија со околу 50 грама хероин.
Групите за човекови права, меѓународните активисти и Обединетите нации го повикаа Сингапур да ги запре егзекуциите за прекршоци поврзани со дрога, истакнувајќи дека тоа е неефикасно како пречка.
Сингапурските власти инсистираат на тоа дека смртната казна е важна за да се запре побарувачката и понудата на дрога.