На врвот на листата – Сингапур, Јужна Кореја и Јапонија
Според најновото октомвриско рангирање на сајтот „Henley and Partners“, изработено врз основа на податоци од Меѓународната управа за воздушен транспорт (IATA), најмоќен пасош во светот е сингапурскиот, со кој може да се патува без виза на 193 дестинации. На второто место се наоѓа Јужна Кореја со пристап до 190 држави. Веднаш зад неа е Јапонија, чиј пасош овозможува безвизнo патување во 189 земји.
Европските држави и натаму меѓу највлијателните
На четвртото место се најдоа Германија, Италија, Луксембург, Шпанија и Швајцарија со 188 земји во кои нивните граѓани можат да патуваат без виза или со виза добиена при влез. Во најновата листа, американскиот пасош не се најде меѓу првите десет, што претставува пад во однос на претходните месеци.
Македонскиот пасош на 42. место заедно со Самоа и Тонга
Македонскиот пасош се позиционираше на 42. место, заедно со Самоа и Тонга, а едно место пред Црна Гора. Со него може да се патува без виза, со виза при влез или со електронска дозвола во вкупно 129 држави. Од регионот, грчкиот и хрватскиот пасош се најдоа меѓу првите десет, додека бугарскиот е на 14. место. Србија е рангирана на 36. место, Црна Гора на 43-то, Албанија и Босна и Херцеговина делат 47. место, а пасошот на Косово е на 65. позиција.