Јеромонах Георгиј единствен кандидат за високата црковна функција
Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска во 10 часот ќе одржи седница на која ќе се избира нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, по смртта на митрополитот г. Тимотеј во ноември минатата година. Епархијата остана без свој архиереј откако г. Тимотеј, кој со неа управуваше 28 години, почина по кратко боледување на 73-годишна возраст.
Од богослов до игумен за една седмица
Единствен кандидат за функцијата е јеромонах Георгиј, нова монашка фигура во црквата, која за рекордно кратко време минува низ клучните монашки степени. Бившиот декан на Богословскиот факултет, професорот Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши на 27 мај, ден потоа беше произведен за јероѓакон, а на 29 мај стана јеромонах. Само неколку дена подоцна, на празникот Педесетница, тој беше унапреден и произведен во чин игумен, на свечена литургија во соборниот храм „Свети Климент Охридски“, со благослов и чин на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
За избор потребни седум гласа
Изборот на митрополит се носи со просто мнозинство од 12 владици кои се членови на Синодот. За Георгиј да биде избран, потребни се најмалку седум гласови. Доколку гласовите бидат поделени, решавачки ќе биде гласот на архиепископот г.г. Стефан.