Граѓаните добија итно предупредување преку системот HR112 ALERT, откако голем пожар избувна во индустриски објект за опасен отпад во Хрватска. Пожарот е ставен под контрола, а надлежните служби вршат мерења на квалитетот на воздухот во поширокото подрачје.
Голем пожар во објект на CIAK кај Забок
Во местото Губашево, во близина на градот Забок, синоќа на 12 декември околу 23 часот, избувна пожар во објект на компанијата CIAK, која се занимава со складирање и третман на опасен отпад. Во гаснењето учествуваа повеќе противпожарни екипи, а во еден момент на теренот биле ангажирани над 60 пожарникари. Компанијата во оваа индустриска зона располага со хали и погон за рециклирање акумулатори.
Пожарот локализиран по полноќ
Претседателот на Противпожарната заедница, Стјепан Скулибер, за порталот Zagorje.com изјави дека пожарот бил локализиран околу 2:30 часот по полноќ. Како што посочи, огнот сè уште не бил целосно изгаснат, но бил ставен под контрола. На терен останале седум пожарникари со три возила, а во утринските часови се очекувала смена на екипите и влез во објектот за догасување, со оглед дека дотогаш интервенцијата се одвивала однадвор.
Итно предупредување и мерења на воздухот
Поради потенцијалната опасност, околу 3:30 часот по полноќ жителите на Загорје добија итно предупредување преку системот HR112 ALERT, со препорака да ги затворат прозорците и да не се приближуваат до местото на пожарот. Пораката беше испратена на англиски и германски јазик, а преку СМС и на хрватски јазик. По ставањето на пожарот под контрола, фокусот се префрли на квалитетот на воздухот, при што експерти од Наставниот завод за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“ извршија мерења во Губашево, Забок, Орославје и Велико Трговиште. Резултатите од мерењата се очекуваат во текот на денот и ќе бидат официјално соопштени од градоначалничката на Забок, Валентина Ѓурек.
