„Мојот апел е да им веруваме на институциите, на МВР и на Обвинителството, и да дозволиме да ја завршат сопствената работа. Сето она што се случува не треба да има каков било политички момент“ порача денеска пратеникот на СДСМ, Миле Талески.
„Знаеме дека имаме првични соопштенија од страна на МВР дека се преземени сите оперативно технички активности и мерки кои се во нивната надлежност. Јас, како претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, сум задоволен од работата на министерот Оливер Спасовски. Анализите покажуваат дека имаме подобрување на откривачката дејност во делот на криминалистичката полиција, односно во делот на криминалистичко откривање и докажување на кривичните дела. Во споредба со претходната година, во јануари и февруари, во последниве два месеци имаме намалување на процентот на сторени кривични дела. Да им дадеме доверба на институциите да си ја завршат сопствената работа, со оглед на тоа дека она кое се случува не треба да има каков било политички момент“, рече Талески.
Во врска со дојавите за бомби во училиштата и изјавите на политичари од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на таа тема, Талески рече дека некои од тие изјави претставуваат поткопување на борбата со хибридните закани.
„Министерството за внатрешни работи има сознанија за тоа од каде доаѓаат дојавите, а покрај од трети земји, дел од нив се и од македонска територија. Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ отвора сериозен сомнеж за нивната улога. Дали ВМРО-ДПМНЕ на некаков начин е поврзаната со внатрешните соработници? Дали ова се причините за вакво деструктивно постапување на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која е во целосно заложништво на Левица. Со своето крајно неодговорно однесување ВМРО-ДПМНЕ застанува зад хибридните напади чија цел е создавање немир, тензии, недоверба и чувство на страв кај граѓаните. Ова не е и не смее да биде тема за дневна политика, се работи за безбедноста на училиштата и наставниот процес. ВМРО-ДПМНЕ треба да престанат да ја опструираат и поткопуваат работата на институциите кои работат на обезбедување целосна безбедност на децата, на неутрализација на проблемот и овозможување непречена настава“ – рече Талески.