Носителот на листата за Град Скопје, Даме Димитровски, во дебата на Канал 5 посочи дека граѓаните на главниот град се оставени без систем и без ред, а претпријатијата едвај опстојуваат поради блокадите и долговите што ги наталожила актуелната градоначалничка Арсовска.

Според него, Вардариште можело одамна да биде претворено во зелена површина, но четири години останало само неостварено ветување.

Тој истакна дека управувањето со отпад е еден од најгорливите проблеми на Скопје и дека е крајно време да се воспостави ред.

Димитровски објасни дека првиот чекор е систематизација на управувањето, потоа воведување селекција со втора и трета канта, за во „Дрисла“ да стигнува значително помалку отпад.

„Мора да овозможиме прописно справување со останатиот отпад, а во исто време да ги едуцираме граѓаните за негова селекција“, нагласи тој.

Во однос на актуелната состојба, Димитровски посочи дека системот за јавен превоз и управувањето со отпад буквално се распаднале. „Ако порано имало каков-таков систем, сега тој целосно исчезна. Се дозволи отпад од Тетово да се носи во Дрисла, а наместо решенија, добивме хаос“, истакна тој.

„Нашата порака е јасна, во 72 часа ќе се исчистат дивите депонии, а потоа ќе се постави систем кој ќе функционира долгорочно и чесно. Време е за акција, време е за решенија“, нагласи Димитровски