Во разговорот за „Сител“ синоќа, началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски, најнапред откри дека системот „Безбеден град“ ги регистрира и табличките во боја што ги користат службените возила. За „Безбеден град“ сè уште не е одлучено дали тие ќе бидат вклучени во групата возила ослободени од казни. Ова би било заедно со противпожарните служби и Итната медицинска помош кога интервенираат.
Топаловски не даде конкретен став ниту за тоа дали ќе се изрекуваат казни за надминување на брзината од само еден километар на час. Наместо тоа, објасни дека институциите ги анализираат решенијата што веќе функционираат во различни европски држави и градови.
Посебен третман, според него, ќе имаат возилата од ВИП категорија, користени за превоз на лица со највисоки државни функции. Бидејќи тие се движат под специјален сообраќаен режим, нема да бидат санкционирани.
Началникот дополни дека се разгледуваат и опциите за начинот на плаќање на глобите, при што ги посочи и постојните механизми и можните новитети.
„Ни стојат на располагање процедурите што сега ги имаме – треба да стигне прекршочниот налог и потоа одите во банка да го платите. Многу граѓани имаат апликации (на мобилните телефони) преку кои можат да платат. Една голема категорија граѓани, пак, не верува во тој начин на плаќање и оди во банка, што ќе мора да го направи и во овој случај. Размислуваме за една специјализирана апликација каде што ќе има број што ќе го добиете и кој ќе биде единствен за плаќање на таа казна. Техничарите размислуваат за една таква апликација“, изјави Топаловски.
