Камерите ќе го зголемат нивоото на безбедност на патиштата
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска ја следеше финалната проверка и верификација на новиот паметен систем за автоматска детекција на брзината на возилата, како дел од проектот за унапредување на безбедноста во сообраќајот.
„Станува збор за систем кој МВР го развиваше во изминатиот период со цел намалување на сообраќајните незгоди, повредите и загубените човечки животи. Во процесот на тестирање се проверува јасноста на снимките, прецизноста при читањето на регистарските таблички и точноста на податоците што системот ги регистрира. Според стручните служби вклучени во верификацијата, утврдените отстапувања во мерењето на брзината се минимални и значително под законски дозволената толеранција, што гарантира висока сигурност и доверливост на системот“, потенцираше Тошковски.
Први локации со поголем ризик, постепено ширење на целата држава
Министерот нагласи дека со овој систем се поставуваат повисоки безбедносни стандарди и дека целта е јасна – помалку незгоди, помалку повредени и повеќе спасени човечки животи.
„Во првата фаза камерите ќе бидат ставени во функција на локации со зголемен ризик, а во текот на годината системот постепено ќе се проширува на целата територија на државата. Паралелно, ќе бидат активирани и возила на МВР опремени со мобилни камери, кои ќе дејствуваат особено на т.н. „црни точки“ на патиштата“, додаде тој.
„Системот работи автоматски и непристрасно – камерата не прави разлика меѓу луѓе, туку евидентира прекршок. Законот важи еднакво за сите, а безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет“, нагласи Тошковски.
Од МВР потенцираат дека примената на системот веќе покажува позитивни ефекти, со зголемена сообраќајна дисциплина и намалување на ризиците на патиштата.
