Министерот доби казна за прекршок од 1 км/ч над дозволената брзина
Утрово, движејќи се кон Кавадарци за партискиот конгрес, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски добил смс порака од системот „Безбеден град“ за сторен сообраќаен прекршок.
„Ова е најдобрата илустрација за тоа како треба да функционира државата. Системот важи и постапува еднакво кон сите и ако регистрира прекршок – санкцијата следи, без разлика кој е во возилото. Нема исклучоци, нема селективност, нема привилегирани“, истакна Тошковски.
Пример за дисциплина и одговорност
Министерот подвлече дека управувањето со возило е обврска, а не привилегија, и дека почитувањето на правилата гради доверба и безбедност.
„Целта на ‘Безбеден град’ не е казнување, туку ред, дисциплина и спасување човечки животи. Со алармантниот број на жртви на патиштата што го имаме, мора да покажеме личен пример и одговорност“, додаде Тошковски.
Тој потенцираше дека државата ќе биде посигурна само ако законите важат подеднакво за сите, вклучително и за оние кои се најодговорни за нивното спроведување.
