По утринскиот застој гласањето се одвива во најдобар ред
Во Општина Ново Село, по утринскиот застој предизвикан од печатна грешка на гласачките ливчиња, изборниот процес за болните и изнемоштените лица е продолжен. Новиот изборен материјал е веќе доставен. Гласањето, како што информира претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко, се одвива без проблеми. Сите пријавени граѓани ќе можат да го остварат своето избирачко право до крајот на денот.
Кондарко изјави дека изборниот процес низ државата тече мирно и без забелешки.
„Материјалот е навреме дистрибуиран од општинските изборни комисии до избирачките одбори и граѓаните непречено го остваруваат своето избирачко право,“ рече тој.
„Досега немаме никакви приговори и забелешки од ниту една општинска изборна комисија и од ниту едно избирачко место,“ додаде претседателот на Комисијата.
Излезноста ќе биде објавена по завршувањето на гласањето
Тој појасни дека засега нема податоци за излезноста бидејќи гласањето е во тек.
„Пред завршување на гласањето, околу 16 часот, ќе објавиме пресек, а по завршување на гласањето ќе објавиме и целосен процент на излезност,“ наведе Кондарко.
Претседателот на ДИК потсети дека резултатите од денешното гласање на болните и изнемоштените лица ќе бидат објавени утре, заедно со останатите изборни резултати.
„Така е предвидено со Изборниот закон и тоа е пракса на сите избори. Ливчињата од денешното гласање се запечатуваат и не се отвораат до утрешниот ден. Резултатите ќе бидат избројани и евидентирани заедно со сите други гласачки ливчиња и ќе се објават утре по 20 часот,“ објасни Кондарко.