АД ЕСМ обвинува за системски колапс, штети од милиони евра и последици врз македонскиот енергетски систем, настанати во времето на СДСМ

АД ЕСМ ја обвини поранешната власт на СДСМ за сериозни последици врз македонскиот енергетски систем, предизвикани, според нив, од години на неодговорно менаџирање и злоупотреба на функциите од страна на нивни поставени кадри. Од компанијата информираат дека веќе се процесирани две кривични пријави, дека десет се во постапка, а уште десет нови се подготвуваат.

„Сите ќе ја дочекаат правдата, вклучувајќи го и тој што избега од државата,“ се наведува во соопштението на ЕСМ.

Компанијата ги обвинува функционерите на СДСМ дека ја довеле компанијата во финансиска и организациска бездна. Притоа, се посочува на неколку клучни аспекти кои, според ЕСМ, предизвикале трајни и длабоки последици врз македонскиот енергетски систем:

– Термо-капацитетите биле оставени во запуштена состојба, без основни ремонти.
– Се користел неквалитетен јаглен платен по енормно високи цени.
– Рудниците биле уништени преку хаотично ископување надвор од планските проекти.
– Депониите останале празни, без резерви.
– Хидропотенцијалот бил исцрпен и сведен на 6%.
– Вработени биле 680 лица за еден ден, со манипулација на систематизацијата.
– Закупен бил LNG терминал од кој, според ЕСМ, не може да се донесе ниту 1 KWh гас во државата, што ќе чини најмалку 50 милиони евра загуба во следните 15 години.


– „Ниту една јавна набавка не помина без вештачко надување на цените за лична корист“, се вели во соопштението.

ЕСМ обвинува дека СДСМ лажно тврди оти планот за производство бил потфрлен за 35%. Според податоците на компанијата, падот во производство е 11,7%, но е целосно покриен домашниот конзум, а хидропотенцијалот е на ниво од 50%.

Во однос на работењето на РЕК Битола, ЕСМ информира дека проблемите предизвикани од саботажа се надминати по пет дена и сега работат два блока. РЕК Осломеј, пак, бил исклучен дури на 24 јуни, а не на 8 јуни, како што тврди СДСМ.

„Не е точно ниту дека имало хаварија во рудникот Суводол. Станува збор за сезонски настан. Станицата од 0-тиот транспортен систем беше целосно оспособена за три дена,“ се вели во реакцијата.

Според ЕСМ, ниту едно лице од „фабрикуваните списоци“ не било вработено во ТЕЦ Осломеј. Во врска со увозот на електрична енергија, компанијата наведува дека во последните 12 месеци се увезени 1.023.750 MWh, што е речиси двојно помалку во споредба со вкупниот увоз од последните три години – 2.194.334 MWh.

ЕСМ оценува дека последиците врз македонскиот енергетски систем не се само технички и финансиски, туку и институционални. Компанијата ја обвинува СДСМ за партизација на управувањето, нефункционални проекти, штетни договори и разорни управувачки практики.

„За тешко поправливата штета што кадрите на СДСМ ѝ ја нанесоа на Компанијата и на државата, тие мора да побараат прошка од граѓаните,“ заклучуваат од АД ЕСМ.