Сега е лето и пливањето е еден од најдобрите начини за вежбање, разладување и добивање доза на ендорфин (среќен хормон). Покрај тоа, со овој спорт доаѓаат различни придобивки за телото и умот. Имено, пливањето е одлична кардио вежба, а истовремено одлично го крева расположението.

Зошто пливањето е најдобра вежба?

Најпрвин, ги ангажира сите мускули од телото,а тоа помага да останеме во добра форма, да бидеме здрави и задоволни.

Водата создава поголем отпор од воздухот, така што во неа мораме да се трудиме 12 пати повеќе отколку кога вежбаме на суво.

Затоа пливањето ги јакне мускулите на телото правејќи не поиздржливи, што помага во борбата против болести.

Повеќето луѓе се откажуваат од вежбањето поради досада, но со пливањето речиси ги нема тие проблеми. Тоа не може да ви досади, а неговите предности се многубројни.

Го подобрува капацитетот на белите дробови

Со пливањето истовремено се користат и рацете и нозете, што го зголемува капацитетот на белите дробови.

Го зајакнува срцевиот мускул

Пливањето го зајакнува срцевиот мускул, па така побргу се пумпа крвта, што ја зголемува циркулацијата на крв која пак делува на здравјето на целиот организам.

Помага во борбата против болести

Луѓето кои што седат долго, повеќе страдаат од срцеви заболувања и почесто се борат со дебелината. Затоа пливањето е вистински лек за нив.

Безболна вежба

Уште една предност за пливањето е тоа што е најбезболна вежба. Ако некој страда од болки во зглобовите, тогаш пливањето е најдобра вежба. Професионалните спортисти, после некоја повреда се рехабилитираат со пливање.

Време за вежбање

Доколку сте почетник, би требало да се зачлените во некој клуб или да ангажирате сопствен тренер. Доволно е да пливате половна час дневно, но ако сте во подобра физичка кондиција, можете и подолго и почесто.