Владата информираше дека со внимателност ја следи ситуацијата во Авганистан и е во постојана темелна координација со сојузничките држави од НАТО Алијансата, а првенствено со САД.
– Владата е во директна комуникација со компаниите во кои се вработени македонските граѓани кои се регистрирани во Авганистан и за кои се обезбедени повеќе опции за летови за евакуација и за нивно пристигнување во Северна Македонија. Во овој момент имаме информации дека сите наши регистрирани граѓани се безбедни и дека не се наоѓаат во загрозувачка ситуација, соопшти вчера владината прес-служба.
Од околу 50 граѓани кои вчера утрото беа на аеродрмот во Кабул, како што информираше министерот за надворешни работи Бујар Османи, половина или 25 се наоѓаат веќе на воениот терминал и се регистрирани за следниот лет со воен авион на американската армија и ќе бидат упатени за Доха, Катар, од каде нивниот пат за враќање дома е неспорен.
– Останатите околу 25 наши граѓани се упатени на следниот лет и во моментов работиме за нивна регистрација и потоа евакуација директно од аеродромот во Кабул. Располагаме со информација за уште 25 граѓани кои се наоѓаат во американската база во Кабул, која се наоѓа во непосредна близина на аеродромот. Тие се безбедни и во моментов се на листа на чекање за да бидат трансферирани кон аеродромот и потоа евакуирани. Во моментов не располагаме со информација за други наши граѓани во Авганистан и досега немаме ниту еден пријавен државјанин кој се наоѓа во загрозена состојба. Секако продолжуваме и натаму внимателно да ја следиме состојбата во Авганистан, рече Османи, на вчерашната прес-конференција.
Доколку се појават потешкотии, Османи посочи дека ќе ги активираме алтернативните планови за кои разговарале со нашите партнери.
Република Македонија, уште во јули месец го повлече сиот воен, дипломатски и цивилен персонал и во моментов нема свои претствници во Авганистан.
Во МНР од саботата е формирана работна група која работи на евакуација на наши државјани кои се работно ангажирани во Авганистан, и воспоставен е контакт со комопаниите од кои се работно ангажирани, испратени се формални барања до сите земји кои имаат присуство во Авганистан за нивна асистенција при евентуални летови за евакуација, за што од голем број земји веќе е потврдно одговорено дека ќе бидат земени предвид нашите барања.
Што се однесува до привременото прифаќање граѓани од Авганистан, од Владата преку соопштение вчера информа дека се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан.
Владата работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави. Сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, се до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со нашите стратешки партнери и со меѓународните организации.
Сите неопходни оперативни и административни прашања поврзани со учеството на Македонија во меѓународната хуманитарна мисија за спасување на локалното население од Авганистан, како што најави владината прес-служба, ќе бидат разгледувани и ќе бидат донесени соодветни одлуки на денешната и следните седници на Владата.