Артан Груби во притвор во Шутка: „Се чувствувам небезбедно“
Уапсениот поранешен вицепремиер од ДУИ, Артан Груби, обвинет за проневера на над осум милиони евра во случајот „Државна лотарија“, утринава околу 6 часот се предаде на граничниот премин Блаце, по што веднаш беше спроведен во притвор во затворот во Шутка. Тој е сместен во просторија со само еден притвореник, Македонец, од безбедносни причини, а пред неговата ќелија има посебно 24-часовно обезбедување.
Артан Груби спроведен во Шутка
Посебни безбедносни мерки во затворот
Од затворот „Скопје“ во Шутка за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавиле дека пред задолжителниот лекарски преглед, Груби бил прашан дали се чувствува небезбедно од некое лице во притвор.
Видео од апсењето на Артан Груби
„Притвореното лице Артан Груби одговори дека не се чувствува безбедно. На конкретно прашање од кого, тој ни кажа дека практично од сите, бидејќи како што рече, ‘и сами гледате, сè е против мене и сите се против мене’. На дополнително прашање наведе дека се чувствува небезбедно од некои лица етнички Албанци за кои имал сознанија дека се во притвор во овој затвор, па затоа е сместен со цимер Македонец. Други лица нема да има во таа просторија“, посочиле безбедносните служби.
Бегство, потерница и истрага
Од граничниот премин Блаце, Груби директно бил спроведен во притвор. Пред судија на претходна постапка би се појавил само доколку побара повторување на постапката што заврши во декември 2024 година, по неговото бегство во Косово. Тој беше во бегство една година и два месеца.
Покрај Груби, осомничен во предметот е и Прпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Државна лотарија“, кој исто така е во бегство. Груби (48) беше баран со меѓународна потерница откако во декември 2024 година ја напушти државата и замина во Косово по отворањето на истрагата за проневера на 8,2 милиони евра. Обвинителството побара притвор за кривично дело проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик.
Останатите четворица осомничени, во својство на претседател и членови на комисија за два одделни јавни повика, се товарат дека ги злоупотребиле овластувањата и должностите, спроведувајќи јавни повици за пренесување право за приредување електронски и интернет игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка не смеела да биде реализирана.
Во однос на евентуалните посети од семејството и одбраната, од затворот посочуваат дека ќе важат одлуките, дозволите и забраните што ќе ги донесе надлежниот судија во случајот „Државна лотарија“.
