Нема доволно зборови со кои може да се искаже нестручноста, неспособноста и неодговорноста на самонарачените “шампиони” во енергетиката. Сẻ’ што допреа уништија. Коренот на ова зло што метастазира во сите сфери од нашето општество вклучително и енергетиката, познат под името СДС е со цел лично богатење на поединци на сметка на осиромашување на народот. Па така, до скоро имавме еден вицепремиер, инаку успешен стопанственик, влегувајќи во политиката под плаштот како експерт од Стопанската комора, се “саможртвуваше” да помогне на македонската економија, а особено во делот за кој тврди дека најмогу се разбира, а тоа е енергетиката. Откако не му беше тешко да му влезе под кожа на сегашниот Премиер во заминување, доби одврзани раце и неограничена моќ да прави во енергетиката што ќе посака, велат од Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие посочуваат дека тој инсталирал свои луѓе и послушници во Управните одбори на сите државни енергетски претпријатија кои сẻ уште му даваат доверливи информации, потоа поставил свои членови во Регулаторната комисија за енергетика кои му ги донесоа сите подзаконски акти од кои бенефит имаат само тој и мала група на луѓе со нивните “зелени” фирми за кои народот плаќа. Дури и својот советник за енергетика, додека беше вицепремиер, го инсталираше како советник на сегашниот Премиер во заминување за да случајно не пропушти нешто од случувањата на енергетски план.

– Со ваква инсталација, а со цел додворување пред Енергетската заедница без да се размислува за денешниве последици врз стопанството и џебот на граѓаните, се донесе наврат нанос новиот Закон за енергетика во мај 2018 година, со цел државата да зачекори кон целосно либерализиран пазар на електрична енергија. Можеби и тоа не им е најголемиот грев. Имаа уште неколку во обид, од кои дел им поминаа, а дел за среќа не поминаа. Замислете ја таа мала група на луѓе која сакаше во самиот Закон да стави член со кој малите хидроцентрали наместо да припаднат во сопственост на државата по завршувањето на повеќегодишната концесија, да им припаднат на концесионерите во трајно владение, а тие демек великодушно ќе се откажеле од повластената тарифа чии енормно високи цени за кои јавноста ќе треба да добие одговор по која методологија се дефинираат овие цени за да им го полни џебот на мала група ненаситни луѓе. Ова не им помина, но успеаа да протнат неколку поразителни работи како на пример дека за било што околу донесувањето на годишен енергетскиот биланс или некои измени на самиот Закон, задолжително мора зелено светло и одобрение да даде Енергетската заедница. Ваков „себепонижувачки“ Закон за енергетика нема ниедна земја во Европа. Потоа донесоа неколку члена во Законот со кои што приклучокот на преносната или дистрибутивната мрежа ќе го платат операторите на соодветните системи, ако Владата одлучи дека тие производни капацитети (инаку приватна инвестиција во најголем дел на нивни сопартијци) се од “стратешко” значење за државата. Како моќно звучи ова особено за испрани мозоци или оние кои допрва треба да се перат. За приватни инвестиции да плаќаат операторите, а тоа значи да плаќаат граѓаните преку покачување на преносната и дистрибутивната тарифа затоа што тие трошоци ќе им бидат признаени на операторите и ќе бидат вградени во цената на електричната енергија за која повторно е надлежна и ја одредува “шампионската” Регулаторна комисија за енергетика, појаснуваат од Комисијата.

Тие велат дека „Шампионите“ во енергетиката, свесно или несвесно, за да бидат потапкани по рамо, донесоа таканаречено ”зелено” сценарио за македонската електроенергетика, усвоено и аминувано од Владата, со кое практично се откажуваме од нашата енергетска независност како држава затоа што се откажуваме од домашното производство на електрична енергија добиена од термоелектраните и свесно преминуваме од ниско увозна земја во високо увозна земја на електрична енергија, а тоа индиректо значи губење на нашата независност.

– Случај што можеме да го видиме и деновиве, токму поради кој имаме енергетска криза. Претворањето на РЕК Битола и РЕК Осломеј во споменици, ќе значи и губење на работните места на илјадници вработени (дури и на нивните членови кои без осет ги вработуваа во предизборните периоди), затворање на стотина фирмички кои живуркаа покрај овие комбинати и зголемена сиромаштија во пелагонискиот и кичевскиот крај. Битно пофалби и тапкања по рамо однадвор секој ден доаѓаат и тоа се пласира преку провладините медиуми и портали како невиден успех. За зелено сценарио не сме сигурни, ама дека спроведуваат црно сценарио сме повеќе од сигурни. Ќе даде ли одговор некој од овие инсталирани партиски послушници каде е профитот на ЕЛЕМ, со кој се фалеа, остварен од неразумното трошење на акумулациите сред лето продавајќи струја под името вишоци, трошејќи и уништувајќи ги немилосрдно водните ресурси, а денес гледаме дека ЕЛЕМ е еден од најголемите загубари кој мора да добие финасиска инјекција од владата со буџетски средства т.е. пари на граѓаните за да уште малку преживее до утре, задутре… Ќе даде ли некој одговор од овие експерти во енергетските претпријатија или ќе смогнат ли сила бар некои од провладините медиуми и портали хранети секој месец со убави суми на пари, кои не замајуваат со тоа дали тендерот за јаглен ќе биде успешен и дали ќе работат зимово термоелектраните, да се осмелат да прашаат зошто немаме ископано домашен јаглен од нашите рудници и што правеа цела пролет и цело лето наместо да копаат наш јаглен? Зошто наместо домашна струја од домашен јаглен сега увезуваме струја поскапа неколку пати од нашата домашна произведена трошејќи милиони евра, прашува Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

– Проектите на МЕПСО се посебна приказна која трае и богами ќе потрае уште долго време. Зошто никој не прашал зошто МЕМО, фирмата ќерка на МЕПСО, која како и мајката купува авионски билети сред пандемија, не успева веќе 4 години да формира Берза на електрична енергија, иако за тоа има услови и безрезервна подршка од сите релевантни фактори во државата. Исто така има и обезбедено средства кои остануваат неискористени подолго време и зошто имаат серија неуспешни тендери за софтвер со кој ќе можеше да се формира Берза на електрична енергија која барем за малку ќе ја ублажеше моменталната тешка ситуација преку тргување на електрична енергија во овие кризни моменти. Дали и што работат тие 50 вработени, чиј број е повеќе од дупло зголемен изминативе 4 години, потоа зошто имаат неискористени грантови со чии реализации ќе работат вработените наместо да користат надворешни услуги од други компании. Ова се само дел од прашањата, а ги има уште многу други, не помалку важни, на кои инсталираните партиски послушници во овие државни институции многу бргу ќе треба да дадат одговор пред јавноста, а секако и пред други надлежни институции, додаваат.