Со инспекцискиот надзор на Град Скопје се потврди дека оџаците на фабриката Усје не продуцираат ПМ10 честички во воздухот од дозволеното. Фабриката работи по сите стандарди, но, проверката на сајтот за јавни набавки покажува дека градоначалничката не работи по стандардите кои самата сака да ги наметне.

Арсовска денеска поднесе кривична пријава против Усје, не поради производственото загадување туку поради тоа што компанијата своите канцеларии ги загревала на мазут. Во меѓувреме компанијата веднаш ги имплементираше препораките на инспекторатот и направи замена на енергенсот со природен гас. За разлика од УСЈЕ, многу јавни објекти во градот продолжуваат да користат мазут за загревање, а јавноста не е информирана дали на овие објекти се вршат какви било мерења.

Она што важи за Усје, за жал не важи за јавните претпријатија на Град Скопје и останатите државни институции, кои и понатаму го загадуваат воздухот. Проверката на сајтот за јавни набавки на е-набавки.гов.мк, покажува дека државни установи и јавни претпријатија се загадувачи на животната средина.  Минатата година на 30 ноември ЈСП Скопје набавило мазут (М1 ХЦ) во вредност од 105.528 евра. Исто така и ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација Скопје набавиле мазут и Заводот за рехабилитација набавил мазут.

Мазут набавил и Студенсткиот дом Кочо Рацин од Битола.

Дали Град Скопје предводена од градоначалничката Данела Арсовска смета дека и овие субјекти се загадувачи? Ќе поднесе ли Данела Арсовска кривична пријава против себе?

Дека се работи за обична ПиАр егзибиција на градоначалничката на Скопје, потврудваат и од Државниот инспекторат за животна средина, од каде потврдуваат дека од Усје ги спровеле препораките и веќе не се греат на мазут, за разлика од десетиците државни институции кои и понатаму продолжуваат да го загадуваат градот.

Доколку го погледнете извештајот за Усје кои го подготвија од таму, заедно со инспекторите на Арсовска, ќе видите дека таму се вели дека од Усје не доаѓа закана за аерозагадување на главниот град, туку дека била констатирана неправилност во котелот за греење, поради што имало проблеми внатре во просторијата кај котелот на компанијата но не и во атмосферата на главниот град! Во исто време, од фабриката уредно објаснија дека ова се случило поради тоа што заради економската криза греењето било префрлено од природен гас на мазут.

Тезата на градоначалничката Данела Арсовска не и издржа ниту 24 часа, тврдењата за загадување и кривични пријави и паднаа како кула од карти. Се поставува прашањето зошто градоначалничката влезе во овој обид да ги лаже скопјани од каде им доаѓа загадувањето вршејќи атак врз една компанија која постојано поминува ригорозни контроли.

Постојат повеќе теории. Првата е дека градоначалничката е влезена во комбинација со бизнисите за горење ѓубре, кои увезуваат ѓубре од државите во Европската Унија и го горат во скопската околина. Ова е милионски бизнис, за кој со години се истражува од медиумите, но претставува вистинска мистерија за јавноста. Постојат тврдења дека Арсовска влегла во комбинации со овие компании за повторно да се отворат старите канали за горење ѓубре, па сега ја ишка мувата за загадувањето кон Усје. Чудно е што токму овие денови дојде иницијативата за увоз на ѓубре како алтернативно гориво, а во истиот период Арсовска го впери прстот во Усје.

Втората теорија е дека Арсовска соочена со падот на нејзиниот рејтинг и со фактот дека според анкетата на ИРИ најголем дел од скопјани нејзината работа ја оценуваат како крајно лоша, се обидува да направи ПиАр потег напаѓајќи еден правен субјект. Имено, помеѓу скопјани подолго време владее мит дека Усје загадува, па Арсовска возејќи се на таа приказна создава наратив дека се бори против некаков непријател.

Третата теза е дека таа само сакала да направи спин на поразот што и се случи со пропаѓањето на повикот за нови приватни автобуски превозници. Откако ги излажа старите и не им плати милионски суми за она што го сработиле, не се пријави никој. Сакајќи да ја поклопи оваа вест која значи дека и во наредниот период јавниот превоз во главниот град на Македонија нема да функционира, Арсовска почна да брка вештерки.

Крунски доказ дека Арсовска брка вештерки е тоа што нејзините јавни претпријатија во моментов загадуваат далеку повеќе од Усје.