Четворица осомничени посредувале за побрзо издавање лични карти, пасоши и возачки дозволи
Министерството за внатрешни работи соопшти дека четворица осомничени, меѓу кои поранешна ракометарка, двајца полицајци и еден пожарникар, се под кривична истрага за примање поткуп. Тие, според МВР, за пари овозможувале на граѓаните побрзо издавање на лични документи, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап до јавните услуги.
Според МВР, осомничените од февруари до април 2024 година воспоставиле организирана шема за противзаконито посредување при издавање лични карти, пасоши и возачки дозволи, за што добивале финансиски надомест.
Одделот за внатрешна контрола при МВР поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против:
М.С., полицаец, за „злоупотреба на службена положба и примање поткуп“;
П.П., полицаец во интервентна полиција, за „примање поткуп и противзаконито влијание“;
В.Р., наставник во средно училиште во Скопје, за „примање награда за противзаконито влијание“;
А.С., пожарникар во Град Скопје, за „примање награда за противзаконито влијание“.
Неофицијално, медиумите јавуваат дека осомничената В.Р. е поранешната ракометарка Валентина Радуловиќ, една од најдобрите во македонскиот ракомет, со 220 настапи и 813 голови за националниот тим. Таа настапувала за Кометал ЃП, австрискиот Хипо и данскиот Шлагелсе.
Според МВР, поранешната ракометарка и пожарникарот наоѓале граѓани заинтересирани за брзо издавање документи, прибирале лични податоци и фотографии, кои потоа ги доставувале до еден од полицајците за посредување. Другиот полицаец, како службено лице, ги извршувал административните дејствија.
МВР наведува дека сите активности биле однапред договорени, со утврдени цени, рокови и распределени улоги, создавајќи паралелен, неформален систем за побрз пристап до јавни услуги. Со тоа осомничените се стекнувале со противправна имотна корист, а постапката продолжува во координација со надлежното обвинителство.