Притвор за Пеце Мирчевски: Судот одреди 30 дена притвор за поранешниот директор на СОЗР

Основниот кривичен суд во Скопје му определи 30-дневен притвор на поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Пеце Мирчевски, поради постоење опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци.

„Судот го прифати предлогот поднесен од Јавниот обвинител и донесе одлука со која на осомничениот П.М. му се изрекува мерка притвор во времетраење од 30 дена, поради утврден ризик од бегство и потенцијална опструкција на истрагата преку влијание врз сведоците. Дополнително, судот го прифати предлогот за преземање мерки за претпазливост против Г.П., кои вклучуваат одземање на неговата патна исправа и забрана за издавање нова, забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, обврска за редовно јавување во судот, како и забрана за контактирање со лица поврзани со кривичното дело,“ стои во одлуката на судот.

Обвинителството отвори истрага: Финансиски криминал од 86.000 евра

Јавното обвинителство отвори истрага против Пеце Мирчевски и Горјан Пехчевски, под сомнение дека во периодот од 2021 до 2024 година извршиле повеќе кривични дела, со што го оштетиле државниот буџет за околу 86.000 евра.

„Првоосомничениот, во повеќе наврати, користејќи ја истата можност, остварил материјална корист за себе и за својата сопруга, со цел да изврши службено дејствие што не смеел да го спроведе. Иако имал законска обврска да пријави судир на интереси, тој тоа не го сторил, напротив, потпишувал лажни изјави со кои негирал дека постои конфликт на интереси. Понатаму, во текот на пет јавни набавки, во кои како избрана компанија била фирмата во сопственост на второпријавениот, тој не се изземал од постапката, туку активно учествувал во неа. За време на целиот тој период, продолжил да остварува финансиска корист за себе и за својата сопруга, што претставува основ за кривична одговорност,“ наведува Обвинителството.

Злоупотреби и поткуп: Луксузни возила и фиктивни патувања

По разрешувањето од функцијата, Мирчевски продолжил да користи службени привилегии, меѓу кои и возила од фирмата на Пехчевски, „Фолксваген Пасат“ и „Ауди Q8“, иако повеќе не бил на позиција во државната служба.

„Осомничениот П.М. без никаков надомест продолжил да користи патничко моторно возило „Фолксваген Пасат“, кое е сопственост на компанијата на второосомничениот. Покрај тоа, неговата сопруга добивала услуги за транспорт, исто така финансирани од истата фирма. Иако повеќе не бил на функција, тој го користел ова возило за лични цели, што претставува злоупотреба на службена положба и примање корист на незаконски начин,“ соопшти Обвинителството.

Фиктивни патувања: Реакција од Антикорупциската комисија

Во текот на 2022 до 2024 година, Мирчевски го оштетил буџетот на СОЗР за 29.000 евра, потпишувајќи неосновани решенија за резервации на хотели, авионски билети и службени патувања кои не биле оправдани.

„Во периодот од 1 јануари 2022 година до 13 јуни 2024 година, осомничениот П.М. во повеќе наврати потпишувал решенија за резервации на хотели, како и авио-билети за патувања во странство, со образложение дека се работи за службени потреби, иако во реалноста тие патувања не биле поврзани со неговата функција. На овој начин, тој го оштетил буџетот на СОЗР за 29.000 евра,“ се вели во обвинителниот акт.

„Конкретно за патувањето во Бугарија во јануари 2022 година, беше поднесена иницијатива до тогашната вицепремиерка за добро владеење, Славица Грковска. Но, од нејзиниот кабинет не беше доставен никаков одговор до тогашниот состав на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК),“ додава Обвинителството.

Исплата на 56.000 евра на пилот без основа

Во периодот од октомври 2023 до јуни 2024 година, Мирчевски незаконски исплатил 56.000 евра на капетан на авион, иако знаел дека неговиот статус не соодветствувал на таа позиција.

„Во својство на директор и одговорен менаџер на Авио службата при СОЗР, осомничениот П.М. незаконски одобрил исплата од 56.000 евра на лице ангажирано како капетан-водач на авион, иако во моментот на исплатата, тоа лице имало формален статус на пилот, а не на капетан. На овој начин, тој предизвикал финансиска штета на државниот буџет,“ се наведува во обвинението.

Реакции: Владата без коментар, финансиската полиција спроведува истрага

Актуелниот директор на СОЗР, Ивица Томовски, кусо изјави дека институциите се задолжени да го истражат случајот и да ги утврдат сите релевантни факти.

„Финансова полиција во соработка со МВР спроведува акција. Ќе почекаме да видиме каков конечен заклучок ќе произлезе од оваа истрага,“ изјави Томовски.