„Денес над Македонија се раѓа…“ никогаш нема да биде отпеана од устата на Албанец. Во ова уверуваат опозициските албански партии кои по посетата на Курти, ги воскреснаа старите барања за промена на химната и на знамето. Не само што не го осудуваат веењето на знамето на Голема Албанија, туку тврдат и дека ваква и слична кореографија сè повеќе ќе се гледа на нивните собири, затоа што државните симболи не ги чувствуваат како свои.

Од „Алтернатива“ го обвинија претседателот на државата за албанофобија, затоа што побара да се санкционираат организаторите на настаните во Чаир и во Тетово, на кои присуствуваше и косовскиот премиер, Албин Курти. Пендаровски реагираше дека, со истакнување на провокативна националистичка иконографија и целосно игнорирање на државните симболи, се прекршени законите на државата, а се поттикнува омраза и етничка нетрпеливост.

Курти денеска се дистанцираше од случувањата, велејќи дека во Македонија дошол на покана на градоначалниците на Чаир и на Тетово и дека Македонија ја смета за пријателска држава.

Во меѓувреме, не престануваат препукувањата на релација  СДСМ – ВМРО-ДПМНЕ – Пендаровски околу тоа кој како реагирал за случајот.

На ова Пендаровски веќе реагираше дека, од опозициската партија не сфатиле што воопшто се случи во петокот.