„Момин поток“ се работи со полна пареа

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку објава на социјалните мрежи информираше дека со полна динамика се работи на новиот булевар и клучката „Момин Поток“. Тој сподели видео од птичја перспектива, на кое се гледа интензивната работа на терен.

Канализација и мост над Серава во напредна фаза

Според објавеното, во моментов во напредна фаза е поставувањето на атмосферската канализација, која се изведува во средишното зеленило на булеварот „Никола Карев“, на потегот од реката Серава до раскрсницата со булеварот „Словенија“. Овој сегмент е оценет како клучен за безбедна, современа и долгорочно одржлива сообраќајна инфраструктура.

Побрано поврзување на градските артерии

Паралелно со овие активности, се работи и на левиот крак од мостот над реката Серава, преку кој сообраќајот ќе се одвива од раскрсницата со булеварот „Словенија“ директно кон клучката „Момин Поток“. Со тоа, како што се наведува, ќе се создаде побрза и поефикасна врска меѓу важните градски сообраќајници.

Во објавата, градоначалникот истакнува дека Скопје отвора ново поглавје во својот развој, нагласувајќи дека проектите се реализираат со конкретни дела, а скопјани го добиваат она што го заслужуваат.