Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за минимална и максимална тарифа за цената на водата по метар кубен за Град Скопје, а од ЈП Водовод и канализација и од Советот на Град Скопје ќе зависи дали граѓаните ќе плаќаат пониски или повисоки сметки.
– Постоечката цена за домаќшинствата е 31,87 денари. Со наша одлука предлагаме минимална тарифа 31,53 денари и тоа е одредено минимално намалување кое се должи на помошта која се дава за електрична енергија. Додека максималната тарифа ќе изнесува 34,82 денари. Минималната е пониска од постоечката, а максималната е повисока за 9% од постоечката.
Овие предлози ќе бидат доставени до Водовод Скопје и тој ќе има право да донесе своја одлука во рамките на оваа тарифа и таа да ја достави до Советот на Град Скопје – истакна претседателот на Регулаторна, Марко Бислимоски.
Тој истакна дека нема да дозволи да се политизира прашањето со цените на водните тарифи затоа што РКЕ признава само економски оправдани трошоци и ги штити интересите на граѓаните.
– Ние признаваме економски оправдани трошоци. Да не се политизира прашањето со цените на водните тарифи. Со минималната тарифа можно е да има намалување на водата, а ако се прифати максималната тарифа можно е зголемување со месечен трошок од 29,5 денари.
Сметам дека 29,5 денари не претставува никаков проблем за граѓаните, тоа се само 30 денари на месечно ниво, доколку ЈП Водовод и канализација ја прифати максималната тарифа – додаде тој.