Премиери, заменици премиери, министри за надворешни работи, видни политичари, поранешни функционери кои оставиле печат во политичките и економски збиднувања, регулатори, бизнисмени, банкари, менаџери од цела Европа…

Скопје денеска ќе биде домаќин на Western Balkans Summit 2021, престижен настан во организација на видниот The Economist, настан на кој групацијата Фактор е ексклузивен медиумски спонзор.

Оваа година вториот Самит на Западен Балкан, организиран од The Economist е насловен како „Промовирање на инклузивноста и солидарноста на Европа“.

Во време кога глобалната заедница се уште води битка против ковид-19, владите и меѓународните институции се фокусираат на имплементација на политиките што ќе им овозможат враќање на конкурентноста и растот.

Западен Балкан е погоден од пандемијата, додавајќи ги долгогодишните предизвици на регионот. Меѓутоа, во исто време, сегашната ситуација ја нагласува потребата за подлабока соработка и солидарност од меѓународните институции.

Потребни се структурни реформи за да се овозможи подлабока интеграција со европските институции.

Европската унија треба да се движи побрзо и поефикасно во обезбедувањето помош за земјите од регионот, да им помогне да ги решат прекуграничните спорови и, пред се, да ги доведе земјите-кандидати од Западен Балкан во елитниот европски клуб.

Тоа е во интерес на регионот, но исто така е во интерес на Европа во целина.

Панелистите на овој врвен настан ќе дебатираат и ќе се обидат да одговорат на дилемите како стоиме на овој план? Како може да се зајакне стабилноста и соработката во регионот? Како може да се забрза интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ? Кои се приоритетите за Северна Македонија и регионот во пост-ковид периодот?

Ќе биде интересно да се слушне што ќе кажат водечките луѓе на државите од регионот, но и нивните европски гости од висок ранг, дали интеграцијата на Западен Балкан во Европа може да стане реалност, но и колку самата Европа е подготвена за тој чекор.

Официјалното отворање на настанот ќе стартува со мотото – Западен Балкан и пост ковид светот, односно кој е вистинскиот пат за да се постигне стабилност и просперитет.

Прв ќе се обрати македонскиот премиер Зоран Заев, а свои излагања на оваа тема ќе имаат и косовскиот премиер Албин Курти, црногорскиот вицепремиер Дритан Абазовиќ, како и вицепремиерот на Албанија, Арбен Ахметај.

Ќе се отвори и дилемата каква е визијата на Европската унија за Западен Балкан, но и дали Преспанскиот договор го промени амбиентот. Дискусии на оваа тема ќе имаат Јоргос Папандреу, поранешен грчки премиер, Јошка Фишер, поранешен вицеканцелар на Германија, Дејвид Гир, евроамбасадор во Северна Македонија, како и Никола Димитров, македонски вицепремиер за евроинтеграции.

Трасирање на патот за раст и просперитет во постковид светот, е дилемата на која свои размислувања ќе презентираат македонскиот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, Јерун Диселблум, претседавач на Еврогрупата, Матео Ривелини од Европската инвестициона банка, како и Анди Аранитаси, шеф на Европската банка за обнова и развој во Македонија.

Ќе се отворат и други значајни теми, како онаа за безбедносните предизвици во постковид светот, на која ќе се обрати министерката за одбрана Радмила Шекеринска, како и дискусија за американските приоритети за Западен Балкан, на која ќе говори Габриел Ескобар, американски заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи.

За приоритетите во финансискиот сервисен сектор ќе зборуваат гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии Фатмир Бесими, со главни теми фискална политика, финансиски амбиент, но и дали банкарскиот сектор одговара на пост ковид светот. Н.Н.Ф.