Скопје добива Луна парк – Нов простор за игра и радост за сите генерации
„Со особено задоволство сакам да ве информирам дека по долги години оддолговлекувања и лажни ветувања, денес започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк“, истакна градоначалникот.
Забавниот парк ќе се простира на 84.000 квадратни метри и ќе вклучува ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност, како и целосно ново ниво на урбана забава.
„Пред нас е изградба на ултра модерен Луна парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди“, додаде Орце Ѓорѓиевски.
Особено внимание ќе биде посветено на пристапноста и безбедноста. Луна паркот ќе биде прилагоден за лица со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош.
„Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош“, изјави градоначалникот.
Планирани се и дополнителни содржини како зони за одмор, улична уметност, културни настани и театар со затворена сцена. Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера, која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје.
„Скопјани конечно добиваат Луна парк што ќе биде симбол на нов почеток, на едно модерно, гордо и достоинствено Скопје“, порача Орце Ѓорѓиевски.
„Почитувани скопјани, како што ветив – најдоброто доаѓа!“, додаде тој, повикувајќи ги сите да учествуваат во отворањето на новиот простор за забава.
