Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, даде изјава за медиуми од општина Центар, и испрати порака дека промените за кои тој зборува не се само политички туку суштински. Како што вели тој, Скопје е будно, скопјани се будни, и затоа повика на масовна излезност во недела, 2 ноември, кога ќе се одржи вториот круг од локалните избори.

,,Денеска ја финирашме кампањата од овој втор круг, од овде во Центар, каде со центарци ќе имаме можност да поразговараме за сите оние потешкотии и проблеми со кои се соочуваат“, рече Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека кампањата за овие локални избори за него беше можност за директна комуникација со граѓаните на град Скопје.

,,Оваа кампања беше вистинска можност да се сретнам со граѓаните, не само во Центар, не само во Кисела Вода, туку со граѓаните од цело наше Скопје. Да ги видиме проблемите со кои што реално сите живееме години наназад. Проблемите поврзани со нефункционалноста на јавните претпријатија, проекти кои што повеќе децении чекаат да бидат реализирани“, посочи Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски истакна дека понуден е и нов концепт и стратегија за развој на главниот град во наредните 4 години, а според него, скопјани се будни и подготвени за промени.

,,Но, понудивме и нов концепт и стратегија, со која што Скопје заеднички ќе го менуваме наредните 4 години. Јас сум среќен што Скопје е конечно будно, што скопјани се будни и се спремни за промени, не само промени за Скопје, туку и промени овде токму во Центар каде што се наоѓаме, каде што верувам дека јасно и недвосмислено господинот Лабудовиќ ќе ја добие поддршката од нашите сограѓани“, вели Ѓорѓиевски.

Во своето излагање, Ѓорѓиевски испрати и порака до граѓаните повикувајќи на масовна излезност во недела.

,,Повикувам во недела на масовна референдумска излезност од нашите сограѓани, што е можно во поголем број, а од понеделник ги засукуваме ракавите и започнуваме со темелни промени на нашиот главен град“, заклучи Ѓорѓиевски.