Иако веќе сме на средината од месец декември, Град Скопје нема план како да ја долови предновогодишната празнична атмосфера, иако до 2023 има уште 18 дена.
„Фактор“ ги контактираше најблиските соработници на градоначалничката Данела Арсовска, но од таму ни рекоа дека не се зборувало на таа тема. Испративме и прашања до кабинетот на градоначалничката Арсовска дали евентуално се преговара со можни донатори, но иако поминаа неколку дена, се уште редакцијата не доби одговор.
Во контактот со претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, од негова страна ни беше кажано дека не е планирано за тоа евентуално да се разговара на некоја идна седница.
Во меѓувреме градови како Крива Паланка веќе се украсени. Програми за дочек најави Охрид, Струга и Штип. На системот за јавни набавки може да се видат огласи за украсување и прослава од општини како Ресен, Новаци и Кавадарци. Оглас за украсување објавил дури и ГТЦ Скопје. За соседството не треба ни да се зборува.
Скопје годинава за првпат во својата историја ќе остане без новогодишно украсување, на Плоштадот Македонија нема елка, ниту новогодишен базар, а претходно секогаш пред или на почетокот на декември веќе бил украсен. Сега нема никакви активности за украсување ниту пак најава дека тоа ќе се случи.